На подрачјето помеѓу Пробиштип, Злетово и Кочани можат да се видат стари вулкански купи и кратери, остатоци од некогашната силна вулканска активност на овие простори. Меѓу нив, посебно атрактивен е Лесновскиот кратер, во чиј средишен дел денес лежи селото Лесново. Не само што кратерот својата оригинална форма ја има зачувано до денешен ден, туку посетителот ќе се изненади и од извонредната поврзаност и испреплетеност на човекот и природата на овој простор. За тоа сведочат бројните пештери настанати со откршување камења наменети за воденици.