Раткова Скала

Со своите огромни надвиснати отсеци од цврсти кварцни карпи, високи и до 200 метри, Раткова Скала е еден од најатрактивните локалитети на Осогово. Карпите немо зборуваат за илјадниците години низ кои реката Шталковица, инаку лева притока на Злетовска Река, го всекувала своето корито. Орлите-мршојадци, лисиците, змиите, волците и бројни други диви животни, својот дом го нашле токму во овие карпести предели. До оваа оаза на дива и недопрена природа, најлесно се доаѓа преку селата Злетово и Шталковица или, пак, по макадамскиот пат, кој се спушта од туристичкиот центар Пониква.