На јужните ограноци на Осоговските Планини, северно од градот Кочани, се наоѓа еден од најпознатите планински туристички центри во овој дел на Република Северна Македонија – преубавата Пониква. Сместена на 1.600 метри надморска височина и опкружена со густа букова шума, овој локалитет нуди бројни сместувачки и угостителски капацитети, терени за спорт и рекреација, скијачки терени, два ски-лифта и патека за сноубординг. Сето тоа, заедно со новоизградената црква посветена на Св. Василиј и можноста да се стигне пеш или со теренско возило до истакнатиот Царев Врв (2.085 м), уште повеќе ја збогатуваат нејзината понуда со рекреативни содржини. Овде има многу извори и потоци, а кон околните долини се распослани густи шумски комплекси. Еколошки чистата средина и бујната вегетација се одмор за очите и прочистувач на белите дробови.