Осоговски Планини

Оваа преубава планина е највисока во источниот дел на Република Северна Македонија, така што највисокиот врв Руен достигнува височина од 2.252 метри, а најатрактивен е Царев Врв со 2.085 метри. Високите врвови на Осогово се предизвик за планинарите и сите оние посетители желни за освојување на планинските височини. Поради честите врнежи и бујната шумска вегетација, Осогово е богато со извори, потоци и реки. Изворите не се многу силни, но се постојани во текот на годината, студени и со питка вода. Со својата незапирлива енергија, реките низ илјадниците години се всекле длабоко во карпите и изградиле стрмни долини и клисури. Осоговските Планини, покрај тоа што се богати со шуми, претставуваат и ризница на ендемични растенија, шумски плодови, чаеви, се дом и на разновидни животни, од ретки птици, па до лисици, волци, диви свињи, срни, елени и друг дивеч. Ваквата разновидност на планината, нејзината височина и импозантност, со огромните природни шумски комплекси и преубавите пејзажи, се магнет за посетителите што сакаат да уживаат во речиси недопрената природа, било во лето или во текот на зимските месеци. Дел од Осоговските Планини е прогласен за заштитено подрачје во категоријата V – заштитен предел, поради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните и други вредности, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето со природата.