Претставници од Центарот за развој на Источен плански регион, општина Кочани, изведувачот и надзорот на објектот за реконструкција и адаптација во центарот на Кочани, на ден 28.12.2020 година извршија технички прием на завршените градежни активности на Мултикултурниот Центар.
За реконструкцијата и адаптација на некогашното Старо кино во Кочани беа наменети нешто повеќе од 260 илјади евра, по што објектот доби комплетно нов лик.
Со проектот, објектот има комплетно нов водовод, канализација и електрична инсталација, ПВЦ-врати и прозорци, термичка фасада, нови подови и осветлување, сигурносна и видео опрема, противпожарна и громобранска инсталација. Променет е кровот, во внатрешноста се отстранети старите слоеви на ѕидовите и се изградени нови тоалети, приспособени и за лица со посебни потреби.
Ставањето во функција на овој објект ќе даде нова димензија на културата и граѓанскиот активизам во Кочани и целиот Источен плански регион.
Реконструкцијата на Мултикултурниот центар е дел од проектните активности на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, кофинансиран од Европската Унија во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и С. Македонија.