Континуитетот на човековото опстојување во брегалничкиот регион најдобро е сублимиран и презентиран преку постојаната археолошка постановка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип. Над 1.200 археолошки предмети-експонати го отсликуваат богатото културно-историско минато на овој простор низ вековите и милениумите, од времето на неолитот, па сè до 18 век. Она што ќе го видите Ве остава без здив, па за миг помислувате дека, за да се види, повеќе никаде не треба да се патува: сè е овде содржано. Од првите бронзени предмети на нашите предци, изработени како алатки за работа и лов, па сè до златни кочии, накит, монети и лични предмети. Во секој од нив се крие период, приказна, историја на едно време. Сепак, предизвикот наречен брегалнички регион, кој дише во еден здив и во себе крие многубројни тајни, Ве повикува на самото место да го почувствувате сè уште присутниот дух на некогашната стара цивилизација.