Министерот за локална самоуправа Горан Милевски на 18.06.2021 година направи увид во реконструкцијата на Мултикултурниот Центар во Кочани.
Градежните работи, и покрај отежнатите услови за работа поради глобалната здравствена пандемија, се одвиваат во внатрешноста на објектот, каде се приспособуваат просториите во големата сала и на вториот кат, при што ќе се создадат современи услови за работа и креативно творештво на луѓето од регионот.
Министерот Милевски истакна дека прекуграничната соработка е клучот за развојот на креативниот туризам помеѓу С. Македонија и Бугарија. Преку проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ ќе се направи достојно претставување на заедничкото традиционално и културно наследство како алатка за развој на одржлив туризам во прекуграничниот регион преку популаризација на традиционалните вредности и културното наследство. Министерството за локална самоуправа ја потпомага реализација на целиот проект со 37 илјади евра со што жителите на Кочани, а и на регионот, ќе имаат можност да бидат дел од креативните туристички понуди.
Се очекува дека градежните активности на Мултикултурниот Центар ќе бидат завршени до крајот на година.
Реконструкција на Мултикултурниот Центар е предвидена со активностите на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, кофинансиран од Европската Унија преку ИНТЕРРЕГ ИПА програмата за прекугранична соработка Бугарија – С. Македонија.