Овој зелен, шумовит планински рај се наоѓа на крајниот источен дел на Република Северна Македонија. Со своето полукружно протегање ја обликува изворишната челенка на реката Брегалница, втора по должина река во државата. Малешевските Планини се богати со извори, од кои настануваат бројни потоци и рекички. Имаат питом изглед, со заоблени планински била и прекрасни комплекси од иглолисни и листопадни шуми. Тие се познати по исконската поврзаност на човекот со природата, традиционалното сточарење преточено во квалитетни млечни и земјоделски производи, кои едноставно мора да ги пробате. Малешевските Планини се вистинска еколошка оаза, со чиста и речиси недопрена природа, која ќе ве поттикне да ги прошетате, да посетите некои од водопадите или, пак, да фрлите поглед на езерцата на Ченгино Кале. Откријте ги тајните на планината низ бројните пешачки или велосипедски патеки, а задоволството за вашите сетила ќе биде незаборавно.