Лесновски манастир

Лесновскиот манастир се поврзува со животот на пустиножителот од 11 век, Св. Гаврил Лесновски. Манастирската црква е изградена во 1341 година и е посветена на светецот Св. Архангел Михаил. Како еден од најзначајните средновековни споменици на културата, Лесновскиот манастир може да се пофали со прекрасниот фрескоживопис, карактеристичниот иконостас од 1811 година, монашкото братство, исцелителните моќи и чуда, за кои сведочат голем број верници, и особено со дудинката (црница) во дворот, која е со старост од 700 години и со која се поврзуваат голем број легенди. Ако во минатото, Лесновскиот манастир бил познат по препишувачката школа, која создала голем број значајни ракописи, денес е познат по Лесновската ликовна колонија.