Клисура на Злетовска Река

Доколку целосно сакате да го доживеете Истокот, наша препорака е задолжително да ја посетите преубавата клисура на Злетовска Река. Сместена во прегратките на Осоговските Планини, возводно од селото Злетово, со својата должина од 30 километри е една од најголемите и најатрактивни клисури во Република Северна Македонија. Над клисурата се издигаат остатоци од некогашни вулкански купи и кратери. Поради големиот надолжен пад, на Злетовска Река и на нејзините притоки се создадени бројни водопади високи од 4 до 20 метри. Во клисурата има богат и разновиден растителен и животински свет, што ја прави уште поатрактивна. Тука се и неколкуте цркви и манастири, од кои најимпозантен е манастирот „Св. Спиридон“.