Во јужното подножје на Осоговските Планини, близу градот Кочани, сместено во прекрасен природен амбиент, лежи езерото Гратче. Создадено е во средината на минатиот век, по изградба на браната со која е преградена Кочанска Река. Езерото е долго околу еден километар, широко 200 метри и со максимална длабочина од 30 метри. Вистинската убавина на езерото му ја даваат густите шуми со кои е опкружено, но и Големиот водопад, чија височина изнесува дваесетина метри. На возвишенијата над езерото има неколку видиковци со извонреден поглед, а околу езерото води живописна патека. Со оглед на близината до градот, поврзаноста со асфалтен пат и прекрасната природа, Гратче претставува вистински магнет за посетителите.