Напредува реконструкцијата на Мултикултурниот Центар во Кочани

Реконструкција на Мултикултурниот центар е навлезена во втората етапа, при што се наѕира новиот изглед на објектот.

Хидроизолацијата и термофасадата од северниот дел на зградата се завршени, така што моментално градежните активности се фокусирани на западната страна. На приземјето, во салата се поставува внатрешна изолација, а привршува и уредувањето на балконот. Градежните работи на поткровниот дел се завршени, по што следуваат молерските работи и изработката на ѕидовите.

Објектот доби комплетно нов водовод, канализација и електрична инсталација, нова ПВЦ-столарија, подови, осветлување и нови тоалети. Според проектот, до компетирањето на градежните работи во објектот ќе се постави сигурносна и видео опрема, противпожарна и громобранска инсталација.

Реновираниот објект, со салата со капацитет од стотина места, повторно ќе биде оспособен за културни случувања. МКЦ е замислен како центар на творци и креативци со изложбен дел за експонати од културно-историско значење. По примерот на европските искуства овој центар ќе создаде можност и за развој на претприемачкиот дух, преку модели и форми за пренесување знаења за развој и поддршка на бизнис-идеи од нивниот зародиш.

Реконструкција на Мултикултурниот Центар е предвидена со активностите на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, кофинансиран од Европската Унија преку ИНТЕРРЕГ ИПА програмата за прекугранична соработка Бугарија – С. Македонија.