Реконструкцијата на Мултикултурниот Центар во Кочани влегува во завршна фаза

Реконструкцијата на Мултикултурниот Центар во Кочани, по една година интензивни градежни активности и прилагодени согласно условите предизвикани од глобалната пандемија, влегува во завршна фаза.

Поголемиот дел од градежните работи се завршени, при што останува да се доработи внатрешното уредување и климатизацијата. Еден од најстарите културни објекти во градот, познат и како старо кино, добива комплетно нов и современ лик.

Со реализацијата на овој проект Кочани и Источниот регион добиваат современи простории наменети за активности на граѓански здруженија и културни работници, за млади творци и креативци, простор за изложби и поставки со културно-историско значење од ова поднебје.

Реконструкција на Мултикултурниот Центар ќе донесе нова енергија во регионот со тоа што ќе создаде можност за активности кои ќе стимулираат учење, поддршка и вмрежување.

Реконструкцијата на Мултикултурниот центар е проект финансиран од Европската Унија, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА  Програмата за прекугранична соработка Бугарија – С. Македонија.