Опкружен со стрмни падини, на западната страна со коритото на реката Брегалница, а на јужната со коритото на реката Отиња, овој рид над градот Штип има исклучително поволна стратегиска положба. Затоа, не чуди тоа што уште од стари времиња овде била подигната тврдина – чуварот на некогашниот пеонски град Астибо, подоцнежниот византиски град Стипион и денешниот Штип. Со археолошките истражувања во 2009 година е откриен 30-метарски тунел, кој води од тврдината до реката Брегалница, со што е потврдена легендата за нејзината неосвоивост. Со појавата на огненото оружје, тврдината ја губи својата функција и таа е напуштена.