Претставува еден од најрепрезентативните доцноантички градови во државата. Влегувањето низ големата порта на овој ранохристијански град, за секој посетител го означува почетокот на едно патување, во кое тој и самиот станува дел од историјата на ова магично место. Баргала, својот процут го имала во периодот од 4 до 6 век, кога важела за силен црковен, културен и економски центар на просторот на средниот тек на реката Брегалница. Според археолошката евиденција, која се вклопува со историските извори кон крајот на 6 век и почетокот на 7 век, градот страда при аваро-словенската инвазија на Балканот. Тогаш сакралните и другите објекти, делумно или целосно се разурнати, меѓутоа животот на овој простор не замира бидејќи подоцна никнува една од најзначајните средновековни населби. Сведок за тоа се раносредновековната црква „Св. Ѓорѓи“ и големата некропола крај неа.