Селото Мородвис се наоѓа во северното подножје на планината Плачковица, на извонредна локација, од која се гледа речиси целата Кочанска котлина. Селото е надалеку познато по археолошкиот локалитет „Градиште“ или „Црквиште“, како дел од некогашниот римски град Морозвизд. Во 11 и во 12 век, тој претставувал епископско седиште во регионот на реката Брегалница. На локалитетот се пронајдени вредни предмети, накит, гробници и остатоци од четири цркви, од кои најстарата датира од 5 век. Покрај споменатиот локалитет, Мородвис плени со средновековната некропола, црквата „Св. Троица“ и главната манастирска црква „Св. Симеон Столпник“. Селото има Етнокуќа, во која се изложени предмети што со векови биле користени од страна на локалното население.