Во североисточното подножје на планината Плачковица се наоѓа малото гратче Виница, особено познато по археолошкиот локалитет „Виничко Кале“. „Виничкото Кале“ е утврдена доцноантичка населба со зачуван бедем, кој датира од 4 до 6 век. На локалитетот се пронајдени питоси од 4 век, остатоци од неколку базилики и крипта од 6 век, мала средновековна црква, артефакти од доцна антика и објекти од профан карактер. Сепак, „Виничкото Кале“ стана светски познато по откривањето на теракотните икони од 5 и од 6 век, кои претставуваат драгоцен дел од ранохристијанската уметност во Република Северна Македонија и пошироко. Претставуваат релјефи во печена глина, на кои се прикажани ликови на христијански светители, симболични животни, сцени од воени судири и композиции, кои илустрираат библиски текстови напишани на латински јазик. Ископините од ова археолошко наоѓалиште може да се видат во Музејот на теракотите во Виница.