Планинарски дом „Вртешка“ со вештачка карпа

На околу 35 километри источно од Штип, во прекрасен шумски амбиент на планината Плачковица се наоѓа планинарскиот дом „Вртешка“, кој е еден од најмодерните во овој дел од државата. Домот, од кој се протега извонреден панорамски видик, располага со триесетина легла, вода, струја и централно греење. „Вртешка“ е од отворен тип, а функционира со претходна најава. Пристапноста до него е одлична, по асфалтен пат, кој минува низ преубави планински предели. Од домот тргнуваат повеќе патеки по кои може да ги искачите највисоките врвови на Плачковица. Од неодамна, покрај самиот планинарски дом е поставена вештачка карпа за спортско качување, со повеќе нивоа на тежина.