Планина Плачковица

Движејќи се од Виница кон Штип, на левата страна се забележуваат ограноците на една од најразновидните и најинтересни планини во регионот, а тоа е планината Плачковица. Во нејзиниот средишен дел, пирамидесто се издига највисокиот врв Лисец со 1.754 метри. Токму низ средишниот дел низ планината, мошне длабоко е всечена долината на Зрновска Река, формирајќи извонредно атрактивна и длабока клисура, која на неколку места наликува на кањон. Самата Зрновска Река минува низ густо пошумен предел и има интересно карпесто дно, во кое вдлабила десетина вирови со длабочина и до 8 метри. Особено восхитувачки се Девичин Вир, Суљов Вир и неколку други.
Доколку сакате да ја доживеете планината од повисоко, најубавата можност ќе ја имате при искачувањето до врвот Туртел (1.689 м), кој се наоѓа на западната страна од планината или, пак, со искачување на највисокиот врв Лисец. До Туртел се доаѓа многу полесно бидејќи до 1.500 метри надморска височина води асфалтен пат. Покрај преубавиот панорамски видик, овде можат да се посетат и петте туртелски пештери. Искачувањето на врвот Лисец, пак, претставува посебно задоволство бидејќи од него се протега широк и преубав поглед кон целиот источен дел на Република Северна Македонија. Целата планина е покриена со густа, претежно букова шума и бројни ендемични видови на растенија. Овде може да се сретне и разновиден животински свет, од пеперутки и птици, па сѐ до лисици и волци, а, доколку имате среќа, ќе сретнете и мечка.