Црнички мелови

Во подножјето на Влаина, реката Желевица со нејзините десни притоки создала фасцинантни ерозивни појави наречени мелови. Најголемите мелови се во близина на селото Црник, односно на Црничка или Виничка Река. На самите мелови се забележуваат слоеви создавани со илјадници години, а секој слој сведочи за промените на пејзажот во блиското геолошко минато. Најголемите мелови воодушевуваат со својата репрезентативност и величественост, со отсеци високи преку 100 метри, кои ја кажуваат приказната за вековната ерозија што ја вршеле рекичките на овој простор.