Истибањска Клисура

На својот тек помеѓу Пијанец и Кочанско Поле, реката Брегалница минува низ импозантна клисура долга 30 километри и длабока до 500 метри. Поголемиот дел од клисурата е исполнет со водите на Калиманско Езеро, што ѝ дава посебна убавина. Клисурата е интересна по бројните мали камени форми на нејзините страни во вид на печурки, остенци и блокови, како и по разновидната вегетација. Низ клисурата минува асфалтен пат, кој го поврзува крајниот исток со Кочани и Штип, со што таа има одлична пристапност.