Со својата традиционална архитектура, разбиен-маалски тип, со куќи распослани по планинските била и покрај долините, осоговските села се приказна за себе. Такво типично село е Цера, во источниот дел на планината, на 1.000 метри надморска височина. До селото се доаѓа по асфалтен пат, кој почнува од малото гратче Македонска Каменица. Во селото има спомен-костурница – обележје за една од најстрашните битки од времето на Првата светска војна што се водела на овие простори. Костурницата се наоѓа во подрумот на селското училиште и во неа се чуваат останките од загинатите борци. Покрај убавата природа, старите планински куќи, традиционалната и здрава храна, селото е познато и по прекрасниот манастир Еленец, изграден во 1880 година. Во селото Цера се организираат и неколку настани во годината, меѓу кои „Покров“, кој се одржува на 14 октомври за време на празникот Пресвета Богородица, кој, всушност, е празник на манастирот, потоа „Бабина баница“ и „Ден на дијаспората“, кој се одржува во месецот август.