Средишниот дел на долгата и интересна Истибањска Клисура, која ги одвојува Осоговските Планини од планината Голак, е исполнета со водите на езерото Калиманци. Езерото е долго 14 километри, мошне разгрането, со бројни заливи, полуострови и еден мал остров – Калата. Еден од заливите длабоко навлегува кон малото, но питорескно, рударско гратче Македонска Каменица. Калиманското Езеро е богато со риба, што нуди одлични услови за спортски риболов. Во блиската околина, пак, има повеќе археолошки локалитети. Покрај езерото поминува живописен магистрален пат, кој преку Македонска Каменица и Делчево, продолжува за Бугарија.